Колумна Надир Р.- ИЛУЗИИТЕ НА РОМСКАТА ИНТЕЛЕКТУАЛНА ЕЛИТА

2133

Проблемот „интелектуалци и политика“ е стар колку што е стара историјата на човештвото. Платон, еден од првите политички мислители, веруваше дека злото во нашите општества нема да престане се додека владетелите не станат филозофи или обратно, филозофите не станат владетели. Платоновата поента е дека филозофската и политичката мисла треба да се сложат при уредувањето на едно општество. Од друга страна пак, Емануел Кант, две илјади години после Платон, тврдеше дека филозофите не треба да бидат владетели затоа што моќта и власта го корумпираат слободното користење на умот, односно интелектот на филозофите.

Важно е да се истакне дека ниту Платон, ниту Кант не мислеле на професорите по филозофија, ниту на филозофите како професија,туку терминот филозофи се однесувал на интелектуалците на едно општество. Според нив, интелектуалците се совеста на еден народ поради слободната употреба на умот, а тоа не ги прави само интелектуалци туку и човекот го прави човек. Должноста на човекот интелектуалец е слободно да го користи својот ум/интелект и дело за јавното добро на својот народ. На иста линија беа и ставовите на Аристотел, кој тврдеше дека не само логосот (умот) му овозможува на човекот да делува во политичкиот живот туку и обратно, дека само во политичка заедница човекот може да биде човек. Тоа значи дека човек во заедница на слободни и на себе еднакви луѓе може да ги оствари своите можности, вклучително најважното – мудроста и дигнитетот на поединецот. Улогата на интелектуалците во политичката заедница е многу важна поради нивното знаење и експертиза, која како таква треба да ја советува и води заедницата кон просперитет и благосостојба. Тие се внатрешниот глас на политичката заедница исто како што совеста на поединецот има свој внатрешен глас на самокритичност и објективност за своето однесување и носење на одлуки.

Низ историјата улогата и задачата на интелектуалците, односно т.н. филозофи според Платон и Кант, се менувала преку многуте револуции, борбата за власт меѓу аристократијата, класната борба на работниците и работодавците итн. Во мноштвото улоги, човештвото има видено многу истакнати интелектуалци на важни позиции, влијанија кои го смениле текот на историјата, но исто така и Макевијалистички тип на владетели/авторитети, како подржувачи и привезоци на многу тирани и диктатори. Денес добар дел од интелектуалците се бирократи и технократи, некои се во постојан натпревар за профит, некои вредно работаат на нови технолошки и научни откритија а некои во пренесувањето на знаењето на следните генерации.

Ромскиот народ не изгради своја интелектуална елита. Илјада-годишниот континуиран расизам, погроми, прогони и дискриминација од страна на европските народи насилно створи од нас номади, а номадскиот начин на живеење значи постојана борба за опстанок. Континуираната борба за опстанок на нашите претци беше многу тешка, во која наметната стигма и погроми не дозволуваа колективен напредок на ромите на економски и социјален план. По Втората Светска Војна, социјалистичката идеологија овозможи скромни можности за образување на првата генерација на ромски интелектуалци, процес кој имаше забрзан развој во средината на 90тите години од минатиот век. Денес имаме критична маса на ромски интелектуалци, организирани и поврзани во разни форми. Важно е да се знае дека бројот на ромски интелектуалци е поголем во бившите социјалистички држави, а многу поскромен во западно-капиталистичките држави. Сепак, и едните и другите редовно комуницираат и соработуваат во рамките на Европската Унија. Редно е да се прашаме каде и дали воопшто ромската интелигенција го води својот народ низ политичките и економски предизвици на денешницата, дали има визија и култура на одговорност во нејзиното делување, како и дали ги практикуваат демократските начела и стандарди согласно принципите за еманципација на ромското движење. Ова е мал обид да се поттикне отворена дебата и размислување за улогата на ромската елита во однос на иднината на ромскиот народ на овие простори.

Во изминатите 30 години ромските политички партии и граѓански организации беа активни чинители во градењето на јавното мнение и политики за ромската популација во Македонија. Тука мора да истакнам дека македонското општество, вклучително македонците, албанците, турците и другите, отсекогаш си имало свое мислење и однос кон ромската популација, изградени низ својата историја и култура, врз основа на локалните специфики во секој град и село, кои за жал денес не се значајно променети. Со демократските промени ромските организации станаа редовни гласноговорници за проблемите и потребите на ромите, ја следеа и критикуваа работата на државните и локалните институции, и паралелно вложуваа донаторски средства, труд и време во организирањето на ромската заедница. Во истиот период, ромските политички партии беа гласноговорниците во однос на интересите на ромската популација, пред се преку мобилизација на ромскиот електорат за остварување на своите демократски права и слободи согласно Уставот на Македонија. Иако премолчено, делувањето и улогата на ромските политички партии и граѓански организации беше своевиден џентлменски договор – иста цел со различен пристап и тактика на делување.
Кога велам иста цел, мислам на нивното делување за добробитта на ромскиот народ, цел која формално го легитимира нивното постоење и делување во рамките на едно демократско уредување. Сосем е јасно дека двете структури имаат свои обрасци и култура на организирање, предусловени сфери на интерес во дадено време и простор, затоа што развојниот контекст на едно општество ги детерминира идеите, потребите, однесувањето и одлуките на човечкото самоорганизирање.

Додека едните се декларираат за непартиски, неполитички и непрофитни, вторите се изјаснуваат за политичко-партиски структури кои својата цел за моќ и власт вешто ја промовираат преку идеолошко-економски ветувања и мобилизација на гласачкиот капитал на граѓаните (читај ромите). Граѓанските организации имаат специфична целна група и настапуваат во името на своите корисници, додека партиите сакаат да имаат масовно членство и симпатизери за да настапуваат во нивно име. Од тука, произлегува дека граѓанските организации ги црпат своите идеи и легитимитет врз основа на потребите и проблемите на нивните корисници, додека политичките партии своите идеи и легитимитет ги засниваат врз идеолошките интереси и уверувања на своето членство. Заедничко им е што и едните и другите имаат комерцијални потреби, а за возврат ветуваат подобар стандард на живеење. Големата разлика е што граѓанските организации оперативно се раководени од вредносни норми и принципи во реализирањето на својата мисија, додека кај политичките партии амбицијата за власт и моќ се реализира преку добиениот број на гласови. И во двата случаја, луѓето се истовремено нивниот основен капитал и клиентела на организациските уверувања и ветувања во јавноста на општеството. Аналогијата е јасна, секое ветување генерира одредена доза на верување, и обратно, секое верување произведува нов циклус на ветување кон луѓето.

Многумина прашуваат кои се резултатите од досегашното делување на политичките и граѓански организации? Има многу различни ставови, впечатоци, факти и искуства. Граѓанските организации се денес препознатливи во нивната досегашна поддршка на неколку генерации ученици и студенти во образованието. Образовната поддршка е доминантен приоритет на многу ромски организации, а веднаш потоа се човековите права. Политичките партии може да се пофалат со мобилизирањето на ромскиот гласачки електорат, учеството во политичките и демократските процеси во државата, вклучително институционалниот ангажман на голем број дипломирани роми на централно и локално ниво.
Во изминатите децении бројот на политички и граѓански организации имаше нагорна линија, факт кој укажува активна само-организација и интерес на ромите да бидат дел од тековните демократски процеси во земјата. При тоа нашата ситуација најчесто се споредува со земјите од регионот, во кои редовно Македонија се истакнува за позитивен пример во остварувањето на правата на ромите. Тоа е првата илузија која ромските политички партии и граѓански организации ја креираа преку својата додворувачка соработка со досегашните влади. Ситуацијата на ромите е иста или слична во целиот регион – невработеност, сиромаштија, низок степен на образование, живеење во гето услови, институционален расизам и дискриминација. Учеството на мал број на лидери и интелектуалци не ја менува генералната слика за ромскиот народ, ниту пак мислењето и односот на гаџованите кон нас.

Оваа илузија ја храниме во континуитет затоа што големите партии (СДСМ и ВМРО) имаат свои играчи кои редовно јавно ја фалат или критикуваат државата по нивен налог. Денес е кристално јасно која ромска партија или НВО соработува и е партнер со едната или другата политичка опција. Нема ништо лошо во воспоставувањето на партнерство и соработка со мнозинските партии доколку тоа ги остварува ветувањата за прогрес и подобар живот. Три-децениските неисполнети ветувања се доказ и патоказ дека треба што поскоро да ја избришеме оваа илузија од нашето делување. Животниот стандард на 95% од ромската популација во Македонија не е ништо подобар од оној во Србија, Албанија или Бугарија. Ние сме пример на огромниот јаз меѓу ветените права и слободи дефинирани во Уставот на Македонија и реалноста на живеењето во ромските населби. Премногу време и генерации се потрошени во тие празни ветувања, кои за жал го обезличија нашето еманципаторско движење. Ромската еманципација не доживеа масовност ниту заедништво меѓу нас, а од друга страна фракциите и поделбите меѓу ромската елита ја ослабија универзалноста и правичноста на нашите стремежи.

Ромската елита, било интелектуална, политичка или бизнис, е засега втората илузија на ромите во Македонија. Прво, се додека ромската елита не ја превземе одговорноста за својот народ, таа ќе остане непрепозната и нереспектирана од страна на ромската заедница. Елита која нема респект и почит во својата заедница не може да очекува респект од другите заедници. Досега или засега, ромската елита не може да превземе одговорност (да се жртвува) за својот народ затоа што е економски и политички слаба, неорганизирана и незрела. Како таква, нашата елита зависи од милоста и немилоста на моќните центри на државата и бизнисот. Кога имате подредена и вазалски зависна елита, спред рецептот на Макијавели, не се надевајте на позитивни промени во колективниот живот на вашата заедница. Затоа тврдам дека ромите во Македонија немаат елита, туку само само-избрани индивидуалци здружени во мали групации и фракции.
Процесите на градење на трите видови на елита се различни. Граѓанските организации вложија многу време и труд за да имаме академски образована елита. Политичките лидери од еден центар (ПЦЕР) се раздружија во десетина политички партии, при тоа останаа нејасни околу нивната идеолошка определба. Ромските бизнисмени во голем дел останаа во сивата зона на економијата, еден дел пропаднаа, други пак вешто опстануваат со нула профит и само мал број се успешни и профитабилни. Охрабрувачки се иницијативите за дијалог и соработка меѓу нив поттикнати од граѓанскиот сектор, процес кој има потенцијал да донесе нов квалитет и издигнување на повисок степен на заедничко делување.
Човештвото има видено многу примери на сличен елитизам, како што е тековниот кај ромите. Не сме ние ништо ново ниту посебно во процесот на креирањето, делувањето и однесувањето на интелегенцијата на еден народ. Проблемот е што многу доцниме со процесите на градење елита. Во минатото, угледот на ромските лидери (ако може така да се наречат) се стекнуваше по религиозна или еснафска линија. Денес не е така, иако сеуште имаме луѓе чиј што збор или одлука се почитува поради стекнатиот углед во заедницата. За жал, нивниот број е се помал, додека бројот на интелектуалци и само-прогласени лидери е се поголем. Ваквиот развој произведе празнина кај ромите затоа што новите лидери не се избрани ниту респектирани од заедницата, а како такви тие повеќе разединуваат отколку што обединуваат.
Второ,само-прогласените лидери на политички партии и граѓански организации, вклучувајќи ги и интелектуалците, се аморфна група на поединци кои засега успеваат да делуваат во мали групи кои носат одговорност само за своите лични групациски интереси. Нивниот успех или неуспех не се мери преку нивните дела за заедницата туку со пари, имот, дипломи, фејсбук изјави, слики од патувања и вечери. Богатењето на поедини лидери генерира револт кај заедницата, која очигледно акумулира одбивност кон интелектуалците. Донекаде тој револт е оправдан, затоа што се дадени многу ветувања за подобро утре од страна на политичките и НВО лидери. Тоа подобро утре засега стигна само кај некои делови од ромските интелектуалци. Последователно, одреден број на интелектуалци кои се извлекоа од сиромаштијата на нивните претци, сега се спремни да направат се за да останат таму каде што се. Повеќето од нив се оддржуваат во просторот меѓу ниската и средната класа. Тоа е донекаде разбирливо затоа што една генерација на образовани или економски ситуирани поединци не можат да ја решат повеќе-вековната сиромаштија и исклученост на својот колектив. Додатно, факторите кои генерираат општествено исклучување и сиромаштија се вкоренети во институционално-политичката и бизнис култура на мнозинството во Македонија. Тоа значи формите и интензитетот на расизам и дискриминација врз основа на етничка и религиозна припадност се секојдневие за секој ром, вклучително и ромската елита. Поинаку кажано, дипломите, знаењето, вештините па дури и парите на ромите не се третираат подеднакво од страна на мнозинството. Едноставно, мнозинската елита не сака да има никаков однос и врска со ромската елита. Тоа е реалноста на македонското општество, со исклучок на мал број на космополити кај македонците и албанците. Да резимирам, сиромаштијата и стигматизираниот социјално-културен статус на ромите во комбинација со предрасудите и стереотипите на мнозинската елита не дозволуваат целосна еманципација на ромската елита, туку напротив наметнуваат бариери, зависност и вазалско потчинување на добар дел на нашите политички и интелектуални групации. За жал, овие групации се доминантната и непосакуваната елита кај ромите и секако кај другите заедници.

Трето, асиметријата на моќ меѓу мнозинските партии/граѓански организации наспроти ромските партии/организации ги принудува нашите интелектуалци да размислуваат локално и краткорочно. Тоа пак од друга страна ги прави себични затоа што пред се се приморани да го штитат личниот и партиски/организациски интерес. Нема долгорочна визија и конзистентност во определбите и делувањето туку само опортунистичко прилагодување на краток рок. Оваа себичност додатно ја зајакнува недовербата на ромската заедница кон својата елита затоа што состојбата на ромската популација не е променета и додатно се влошува.
Верувањето и надежта дека политичкото и институционално учество во системот на државата ќе ја подобри ситуацијата на ромите е третата илузија на ромските интелектуалци. Триесет години имаме ромски пратеник, министри, директори и бирократи во централните и локалните институции, градоначалник, локални советници, експерти во разни струки итн. Сите тие, вклучително и мене, ги „проголта“ системот на државата или институцијата каде што се вработени. Големите системи, дизајнирани од човекот, имаат свои правила и законски делегирана моќ. Гласот на еден ромски пратеник наспрам 119 е јасно дека не може да влијае на одлуките на Собранието. Интересот на ромскиот народ преку еден пратеник неизбежно мора да се прилагоди со интересот на владеачката партија. Тоа значи малиот по обем интерес на ромите мора да се усклади со големиот интерес на државотворните партии. Досега тој значеше вработување во државните институции согласно нашата процентуална застапеност во државата. Ништо повеќе, иако таа застапеност е гарантирана според Уставот на државата. Ромските партии си најдоа посредничка улога околу вработувањето на дипломираните роми а граѓанските организации станаа дежурни критичари на секоја влада на оваа тема. Од друга страна, вработувањето на талентирани интелектуалци во бирократијата на системот не го промени одност на институциите кон ромскиот народ, а додатно е изгубен потенцијалот на талентираните ромски интелектуалци затоа што нивната креативност и елан за промени се закржлавени од страна на институционалната контрола и потчинетост. Немаат многу прилики за напредување во хиерархијата на бирократијата, освен во ретки пост-изборни прилики кога некој од нив ќе одработи добро за време на изборната кампања. Тие повеќе и служат на државата а многу малку на ромскиот народ. Добар дел од нив станаа членови на ромските партии поради вработувањето по партиска линија, за кои секако мора да одработуваат задачи на секој изборен циклус.

Коалицирањето на политички и институционален план, од друга страна створи лажни очекувања и надеж дека државата и ромската елита делуваат заедно во носењето на решенија за сиромаштијата на ромите. Во суштина, дијагнозата и терапијата е формулирана од страна на неромските перспективи, кои воглавно нудат решенија за социјалните проблеми, ограничени по обем и ефикасност, кои адресирајќи ги тековните потреби, ги игнорираат корените и самата срж на проблемот на ромите. Од друга страна, целиот фокус на мерките е концентриран на институционално-финансиските димензии на проблемот и неможноста (според некои гаџовани неспособноста) на ромите да ги користат јавните услуги. Тоа значи дека власта и нашата елита не ги земаат во предвид немонетарните фактори во општеството, како што се односите меѓу граѓаните, развојот на човековиот капитал, материјалната и инфрастурктурна положба на ромските заедници, итн.
Нашата елита бара моќ таму каде што ја нема – натпреварот меѓу политичарите носи поделби и конфликт кои понатаму го раситнуваат ромскиот глас и електорат, а ромските организации засега успеваат само преку нудење на краткотрајни решенија на локално, маалско ниво. Нема масовно економско оснажување на ромската заедница и концентрација на ромскиот глас. Имамe три циклуси на Стратегии за интеграција на ромите, со скромни финансии и немоќна ромска администрација во неколку министерства. Општините имаат акциони планови без локален буџет и воглавно зависни од донаторски средства. Стратегија може да ја најдете на веб страната на МТСП а локалните акциони планови ги нема на веб страните на општините.

Нема мерење на прогресот ниту на имплементацијата на стратегијата/плановите. Никој не знае колку чини (не)интеграцијата на ромите во Македонија. Ромската елита засега не размислува колективно и долгорочно, ја нема големата слика за својот народ ниту пак проценки или предвидувања за можните сценарија на среден и долг рок. Нашите интелектуалци се експеримент на Теоријата на Хаосот! Ромската агенда е отворена и секој еден гаџован може да делува и прави што сака со проблемите и потребите на ромскиот народ. При тоа, ромскиот интерес е занемарен и запоставен, затоа што гаџованскиот интерес и делување во ромската проблематика се привремени.

Да резимирам, кревката и симболична елита на ромите има многу илузии, пропусти, недоречености и недостатоци. Тука се наведени само три илузии со намера некој да продолжи да изнесува други примери. Време е да се поставуваат тешки и незгодни прашања кон ромската елита затоа што од нив се очекува да го штитат интересот и потребите на ромската популација, како еднакви и слободни граѓани на Македонија. Само така ќе се забрза процесот на зреење на нашата интелигенција и секако нејзината моќ и одговорност. Три деценискиот влог во креирањето на образовна елита од многу актери и поддржувачи значи одговорност на сега дипломираните роми. Ако академско изградените роми продолжат себично да си ги остваруваат личните интереси и потреби, не вложуваат во образованието на следните генерации, најверојатно ќе продолжиме да молчиме пред сиромаштијата и расизмот на гаџованите во следните децении на 21виот век.

(I Kolumna tani hramome tar Nadir Ređepi thaj tani avrik tar i ureduvačka politika e portaleski Roma Press)