Откако вчера здружението на граѓани Ромаверзитас преку соопштение ја информираше јавноста за случај во кој контролори на ЈСП насилно и недолично се однесувале со студент од ромска национална припадност, ЈСП денеска со соопштение ги демантираше обвиненијата, пренесува слободен печат.
„ЈСП Скопје категорично ги отфрла обвинувањата за дискриминација по етничка основа во случајот со студентот Сирхан Усеин и двајца контролори, кој се случил на 9.02.2020 година во 10.45 часот во автобусот на линија 45.
Сакаме да ве информираме дека студентот го пријави случајот во ЈСП Скопје дури денеска, вторник (11.02.202 год) и тоа по наше барање.
Даде и пиша изјава со која сам потврдува дека не станува збор за етничка дискриминација, во ниту еден момент не бил навреден со погрдни зборови на етничка база.
Изјава дадоа и двајцата контролори, при што категорично ги отфрлаат шпекулациите за дискриминација.
Случајот се процесуира и ќе се преземат соодветни мерки.
Сакаме да веруваме дека овој случај нема да се злоупотреби за дневно политички цели и подгревање на страстите кај одредена етничка група граѓани.
Се надеваме дека во иднина медиумите нема да пласираат само еднострани информации, преземи од социјалните мрежи, туку изворно ќе се информираат за случајот, а во интерес на професионалното информирање ќе побараат изјава и од ЈСП Скопје.
Напоменуваме дека за ЈСП Скопје сите корисници на јавниот превоз имаат еднаков статус.
Единствено, разликуваме патници со уредно валидиран билет и патници без билет.“, соопштија од ЈСП.