Javno reakcija mujal Direktorka Marija Glogorovska tar Delćevo

977

Združenija baś pravnikoja Roma- ZPR Skopje thaj ADDR Sonce  tar Tetovo, sar organizacie savebisi olen ilavdo fokusi baś arakhipe thaj đajbe poangle  e Romengo saikheripe maj zorale adelatinena( osudinena) o vahtavi tar Direktorka sastipnaskere khereskoro tar Delčevo Marija Gligorovska baš lakiri iavno izjava stigmatiziribnaja thaj pageribe o pravo e Romane zaednicako. Teleder drabaren(ćitinen sasti reakcija ani makedonikani ćhib).

Здружението на Правници Роми – ЗПР Скопје и АДДР Сонце – Тетово, како организации кои имаат засебен фокус на заштита и унапредување на положбата на Ромската заедница строго го осудуваат грубото прекршување на правата на пациент-граѓанин на Општина Делчево и јавното стигматизирање и подигање на нивото на нестрпливост спрема Ромската заедница во Градот Делчево од страна на Јавниот Здравствен Дом „Гоце Делчев“ – Делчево и неговиот законски застапник – Директор Д-р Марија Глигоровска

Имено, директорката на ЈЗУ здравствен дом „Гоце Делчев“ – Делчево Г-ѓа Марија Глигоровска, на 12.08.2020 година даде изјава на интернет порталот „delcevo365mk” , повод на првото лице заболено од Корона вирус Ковид 19 во Делчево.Во својата изјава директорката јасно нагласи дека станува збор за лице од Ромска етничка припадност и дека има повеќе лица кои биле во контакт со заболената, а тоа го објасни со „Нивната психоза е малку подруга кога еден ќе се разболи, сите се заедно“ .
Сметаме дека таквата изјава на директорката е недозволива, неетичка и непрофесионална, бидејќи веднаш алудира на сегрегацијаи стереотипизирање на ромската заедница во целост.
Употребениот термин психоза (од страна на стручно медицинско лице), како карактеристика на граѓаните од Ромската заедница дирекно ја стигматизира таа заедница и ја карактеризира како граѓани кои имаат болест за неможност да се разграничи што е реално а што нереално или имагинарно.

Пропратно сакаме да укажеме дека, ваквиот однос во јавноста на директор на јавна здравствена установа резултира со прекршување пред се на Кодексот на медицинската деонтологија (КМД), каде уште во Општите уредби согласно член 2 укажува:
„Лекарот е должен да да врши соодветни лекарски услуги, со чувство и почитување на човековото достоинство.
Лекарот заедно со колегите и другите медицински соработници е должен да ги почитува правата на болните и да ја чува нивната доверба.
Лекарот е должен да ги почитува етичките и деонтолошките норми во својата професија во односите лекар – лекар, лекар – пациент и лекар – други здравствени работници.“

На самиот почеток сме загрижени и за фактот што и Лекарската комора на Република Северна Македонија, не се произнесе и не го осуди настапот на нивниот лекар, согласно член 112, оддел „Лекарот и меѓународното хуманитарно право и деонтолошките одредби“ од КМД: „Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија, насоките на Светското здружение на лекарите и Светската здравствена организација, се задолжителни за сите лекари на Македонија. Затоа се должни да ги познаваат начелата и да ги применуваат при вршењето на секојдневните работни и општо – човечки обврски. Оттука произлегува пра¬вото и должноста на стручните организации на лекарите, без оглед на членството на Лекарската комора на Македонија, да преземат мерки против лекарите што ги кршат тие начела. Медицинскиот факултет и другите школи за здравствени работници се должни да преземат соодветни мерки против слушателите и наставниците што ги кршат одредбите на овој Кодекс.“

Д-р Марија Глигоровска, видно возбудена да излезе пред малите екрани со „сензационална вест“ за прв заболен од КОВИД 19 во Делчево, направи прекршување на членовите 55 до 58 од Кодексот на медицинската деонтологија, каде лекарот се обврзува да ги чува тајните што ќе му бидат доверени при вршењето на професијата. Во рамките на ова толкување влагаат и личните податоци :

– Член 55, став 1 и 2: „Лекарот со закон е обврзан да ја чува професионалната тајна. За професионална тајна се смета се што здравствениот работник и другите работници при вршењето на својата професија ќе разберат за болниот и за неговите лични или семејни работи.“
– Член 56: „Во случај кога болниот го ослободува лекарот од чувањето на професионалната тајна, лекарот оценува што од соопштението би можело да му наштети на болниот и неговото семејство и кои податоци ќе ги задржи во тајност“.
– Член 57:„Лекарот и неговите соработници се должни и да ја почитуваат професионалната тајна и во едукативниот процес. Тие начела треба да ги пренесуваат и на слушателите кои се обврзуваат дека доследно ќе ги почитуваат“.
– Член 58, став 2: „Јавно покажување на болниот на научни или наставни цели може да се врши само во согласност на болниот, а при тоа треба да се обезбеди професионалната тајна и неговото лично достоинство.“

Покрај овие членови Д-р Марија Глигоровска, со давање на стручен наод за психозата на Ромската заедница и нивното однесување во ситуации на болести, без никаков морал и етика со предрасуди и лично свое толкување на менталниот склоп на Ромската заедница, продуцира однесување или дополнителна стигматизација кон Ромската заедница во Делчево. Ова однесување јасно се уредува во член 87,став 3 од Кодексот на медицинската деонтологија, во делот „Лекарот и јавноста“:„Морално – етички не е дозволено лекарот да ги стави својата професија и професионални контакти во функција на граѓанска афирмација и други активности“

Покрај Кодексот на медицинската деонтологија, во изјавата на директорката на ЈЗУ „Гоце Делчев“ – Делчево, забележани се низа прекршувања на Законот на заштита на лични податоци и Законот за заштита на пациенти. Управител на јавна здравствена установа, во рамките на своите знаења во најмала рака треба да го познава Законот за заштита на личните податоци на РСМ, каде децидно се дефинирани категории на лица кои се третираат под овој закон, во кој што влагаат посебните согласно нивната посебност, ранливост и различност.

Од тука овие категории подлежат под различни заштити, каде оваа установа ги прекрши посебните категории на лични податоци – „Посебни категории на лични податоци“ се лични податоци кои откриваат расно или етничко потекло, политички ставови, верски или филозофски убедувања или членство во синдикални организации, како и генетски податоци, биометриски податоци, податоци што се однесуваат на здравјето или податоци за сексуалниот живот или сексуалната ориентација на физичкото лице“ (ЗЗЛП).

Во рамките на оваа законска рамка, физичките лица се заштитени целосно во било кои релации и односи во рамките на јавниот и сервисниот систем на државата, а тоа се однесува и на откриениот идентитет на пациентка од Делчево со член 5 „Заштитата на личните податоци се гарантира на секое физичко лице без дискриминација заснована врз неговата националност, раса, боја на кожата, верски уверувања, етничка припадност, пол, јазик, политички или други верувања, материјална положба, потекло по раѓање, образование, социјално потекло, државјанство, место или вид на престој или кои било други лични карактеристики.“

Сакаме да потенцираме дека ваквата содржина на изјавата е спротивна со одредбите од уставот на Р. Северна Македонија и со Законските одредби од Законот за заштита на пациенти со кои се гарантира сигурност и тајност на личните податоци и заштита на правото на личниот интегритет. Согласно Законот за заштита на пациентите, Здравствената установа е должна согласно член 33, став 11: „обезбеди доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци на пациентот што се однесуваат на здравствениот статус на пациентот, медицинската, односно клиничката состојба, дијагнозата, прогнозата и третманот, како и сите други информации од лична природа, дури и по неговата смрт, во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна“,
како и за заштита на личните податоци и согласно член 38 кој гласи „Здравствениот работник кој непосредно врши медицинска интервенција над пациентот е должен да, став 7 „обезбеди доверливост на податоците што се однесуваат на здравствениот статус на пациентот, медицинската, односно клиничката состојба, дијагнозата, прогнозата и третманот, како и сите други информации од лична природа, дури и по неговата смрт, во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци“

Почитувани, законите во Република Северна Македонија, важат за сите и во секое време и состојба. Секоја нова состојба се уредува согласно уредба или протокол кој што подлежи на некаква постоечка законска рамка. Покрај здравствено – економската криза, а исклучителност во ек на пандемија.
Законот за заштита на правата на пациентите е јасен и дециден и го гарантира правото на доверливост на сите пациенти, што значи дека здравствениот персонал не смее да издава какви било податоци поврзани со здравствената состојба, помеѓу кои и статусот КОВИД 19, на трети лица кои не се вклучени во лекувањето на пациентот и во професионалното следење на епидемијата, а со конкретната изјава е постапено спротивно на одредбите од овој Закон.
Секое физичко и правно лице кое со своето однесување чини повреда на приватноста и на правото на заштита на личните податоци подлежи на санкции согласно закон.

Со почит,
Здружение на Правници Роми – ЗПР Скопје
Асоцијација за демократски развој на Ромите СОНЦЕ – Тетовo.

Roma Press