Sajdime drabarutne daja tumen buvlo info hramome ani Makedonikani čhib te šhaj te haloven savo bilačipe šhaj anlarela tumenge o bilačo korona virus savo dive pal dive buvlola astaripnaja ano sasto Sumnal.
Šukar ka ovel pali tumar drabaripe savore te kera sa, te šaj virusi te na resarel đji manušikano bedeni (telo) ARAKHEN TUMEN.
Многу нешта не се познати за коронавирусот, но со сигурност се знае колку може да биде разорен за човечкиот организам. По тоа е сличен со други вируси што се пренесуваат од животни на човек, како што се САРС и МЕРС. Моменталната стапка на смртност од коронавирусот е за една петтина помала од онаа на САРС, но се шири побрзо од него. Коронавирусот толку многу личи на САРС генетички што го нарекуваат и негов наследник.
Не може со сигурност да се каже кои размери може да ги достигне заразата ако се рашири, но водечкиот епидемиолог Габриел Леунг од Хонгконг неодамна предупреди дека дури 60 отсто од светската популација може да се заразат ако не се заузда ширењето на вирусот. Според извештајот за клиничките детали за првите 72.314 пациенти кај кои бил дијагностициран вирусот, изработен од страна на кинескиот Центар за контрола и превенција на заразните болести, 2,3 отсто од пациентите починале по заразувањето со коронавирусот, што значи дека моментално е 23 пати пофатален од сезонскиот грип. Тешката здравствена состојба и смртноста не одминуваат ниедна старосна група, освен децата помали од 9 години.
Што, всушност, му се случува на човековото тело при борбата со коронавирусот? Да погледнеме од орган до орган.
Белите дробови: нулта точка
Во повеќето случаи болеста почнува и завршува во белите дробови бидејќи како и грипот, коронавирусите се респираторни болести. Заразата се пренесува со искашлување или кивање на заразени лица. Симптомите на почетокот се слични на грип: пациентот чувствува треска и кашла. Состојбата потоа може да се влоши и да дојде до пневмонија или полошо.
Болеста настанува така што коронавирусот многу брзо ги напаѓа клетките на белите дробови. Има два вида такви клетки: оние што создаваат слуз и оние што имаат влакненца со чија помош ги чистат дишните патишта. Слузта ги штити белите дробови од патогени и оневозможува сушење на белите дробови, додека клетките со влакненца отстрануваат отпад како полен или вируси. Како и САРС, така и коронавирусот се претпоставува дека ги напаѓа токму тие клетки, со што отпадот и честичките влегуваат во белите дробови.
Поради присуството на вирусниот непоканет гостин, нашиот имунолошки систем се активира и настанува воспаление кое обично е локализирано на едно подрачје. Сепак, може да дојде до прејак одговор на организмите на вирусната инфекција, па нашиот имунолошки систем да почне да уништува сè пред себе, па дури и здравото ткиво.
Со тоа влегуваме во последната фаза. Продолжува разорувањето на белите дробови, кое може да има смртоносен исход. Ако пациентот преживее, можни се трајни оштетувања. На пример, многу преживеани пациенти што боледувале од САРС добиле лузни на белите дробови слични на пчелично саќе, а тоа е забележано и кај оние што заболеле од коронавирусот. Во оваа фаза пациентите дишат со помош на апарати.
Оштетувањата, односно дупчињата на белите дробови веројатно настануваат поради прејака реакција на нашиот имунолошки систем, при што се создаваат лузни и белите дробови стануваат покрути.
Поради воспалувањето, мембраните меѓу алвеолите и крвните садови стануваат попропустливи и белите дробови може да се наполнат со течност. При тешки воспаленија белите дробови се полнат со течност, па пациентот не може да дише и често доаѓа до смрт.
Желудник: влез во организмот
Некои заболени имаат дијареја и болки во стомакот, но сè уште нема податоци за тоа дали гастроинтестиналните симптоми се застапени во случај на оваа зараза. Ако се прашувате каква врска има болеста на дишните патишта со желудникот и цревата, одговорот лежи во природата на секој вирус да се врзе со протеините што човекот ги внесува во организмот. Така, за вирусите, желудникот е сигурен начин за влез во човековото тело.
Не се знае дали може коронавирусот, како што е случај со САРС и МЕРС, да продре во дебелото и тенкото црево и да предизвика обилна дијареја. Според податоците од две неодамнешни студии, коронавирусот е детектиран и во примероци на столица на заразени и е нужно испитувањето дали заразата може да се пренесе и по тој пат.
Крвоток: хаос
По веќе споменатиот прејак одговор на имунолошкиот систем на инфекцијата, и другите системи во човековото тело може да бидат погодени од коронавирусот. Во ретки случаи пациенти претрпеле срцев удар, како и акутно оштетување на бубрезите. Ангела Расмусен, виролог од Универзитетот „Колумбија“ од Њујорк, смета дека во случај на зараза со коронавирусот во крвотокот се случува таканаречена „цитокинска бура“.
Цитокините се протеини кои го предупредуваат имунолошкиот систем на местото на кое се јавува инфекција за да се уништи заразеното ткиво и да се спаси остатокот од организмот. Проблемот е во тоа што коронавирусот предизвикува прејак одговор на имунолошкиот систем, кој потоа освен заразените клетки го напаѓа и здравото ткиво.
Всушност, доаѓа до внатрешно крвавење, како што објаснува Расмусен. Во некои од најтешките случаи повеќе органи престануваат со работа по цитокинот и намалениот капацитет на внесување кислород во телото. Научниците сакаат да откријат во каква врска се хроничните болести, како срцевите проблеми или дијабетесот, со компликациите што ги предизвикува вирусот.
Црниот дроб: колатерална штета
Вирусите што се пренесуваат од животни на човек, што е случај со коронавирусот, неретко го погаѓаат и црниот дроб. Црниот дроб произведува ензим кој ги забрзува хемиските процеси во нашето тело. Во здравиот организам клетките на црниот дроб непрестајно изумираат и ослободуваат ензими во крвотокот.
Проблемот настанува кога ензимите ќе го преплават крвотокот, што е зачестено кај пациентите заболени од САРС и МЕРС. Научниците не се сосема сигурни како вирусите на дишните органи се однесуваат во црниот дроб. Постои веројатност да го заразат директно или да дојде до сериозно воспаление по одговор на имунолошкиот систем на заразата.
Престанокот на работата на црниот дроб во случај на вирусот САРС не бил причина за смрт на ниеден пациент. Почесто се случувало пациентот да боледува од системска инфекција и освен со црниот дроб, да има проблеми и со белите дробови и бубрезите.
Бубрези: Сè е поврзано
Неодамнешни студии покажаа дека коронавирусот може да предизвика оштетување и на бубрезите. Иако е реткo, станува збор за смртоносна последица. Токму како и црниот дроб, нашите бубрези имаат задача да ја прочистуваат крвта. Тубулите што се наоѓаат во нив се подложни на воспаленија, додека крвта се филтрира низ бубрезите, клетките на каналчињата може да го заробат вирусот, што доведува до минливо или полесно оштетување. Ако вирусот ги пробие клетките и почне да се размножува, оштетувањето на каналчињата станува опасно за живот.
Цитокинската бура, која веќе ја споменавме, исто така може да предизвика престанок на работата на бубрезите. Важно е да се напомене дека не постојат докази дека вирусите како САРС, а со самото тоа и коронавирусот, можат да се размножуваат во бубрезите.
Престанокот на работата на бубрезите некогаш може да биде предизвикан од антибиотици, умирање на други органи, па дури и ако пациентот предолго е на апарати за дишење.
Бременоста и коронавирусот
Неодамна лекари од Вухан известија за две новороденчиња за кои со тестирање било утврдено дека се заразени со вирусот. Едно од нив се заразило по само 30 часа од раѓањето. Сепак, не постојат докази дека станува збор за пренесување на заразата од мајка на дете. Постојат различни начини на кои детето може да се зарази, како што е породување во болница полна со инфицирани пациенти, смета Расмусен.
Дополнително, резултатите од неодамнешна студија нудат прелиминарни докази кои одат во прилог на тоа дека коронавирусот не може да се пренесува од мајка на дете. Експертите надгледувале девет жени од Вухан што имале воспаление на белите дробови предизвикано од коронавирусот. Иако некои од нив имале компликации при породувањето, не постојат докази дека некое дете се родило заразено.
Иако студијата не ја исклучува можноста за пренесување на заразата од мајка на дете во утробата, во неа се наведува дека е нужно да се избегне ширење на непоткрепени претпоставки за дејствувањето на коронавирусот.
Roma Press lendo tar- Konjakija/Извори: fakulteti.mk, Index, National Geographic