Надир Р.- Тапчо и Глупчо – нашите соседи од секојдневието на македонското општество..

2534

Летоска, иако беше многу жешко, некако најдов доволно енергија и мотивација да напишам политичка сатира за обичниот граѓанин, неговата ретка способност на прилагодување кон околината (читај политиката). Сатирата е напишана во форма на дијалог во која двајца граѓани со измислени имиња, Тапчо и Глупчо, дискутираат за финоста во нашето општество. Зборот финост има повеќе синоними во македонскиот јазик така да зависно од контекстот се однесува на итрина, префинетост, лукавство, препреденост, нежност, остроумност, проникливост итн. Во мојот текст финоста значи наивно-проста итрина која за чудо сеуште успева да опстане во односите меѓу граѓаните на ова мало општество. Текстот е сеуште необјавен затоа што чека некој актер да го преточи во видео формат. Кога тоа ќе биде засега незнам, ама сигурно ќе се објави кога ќе созреат основните предуслови за тоа.

Чин 2

Дедо ми по таткова линија е роден на крајот на Првата Светска Војна. Рано останал без татко така да од својата седма година растел со очув и мајка кои немаа услови да го школуваат. Научил да чита и пишува додека служеше војска, во 1948 година, на возраст на родител на три деца. На часовите по историја не учеа дека таа година се случи конфликтот меѓу Тито и Сталин, во која збунетоста и поделеноста меѓу граѓаните на штотуку формираната држава го разјадуваше комунистичкиот елан и слободарски ентузијазам. Република Македонија беше тазе република во таа федерација и секако беше во интересот на тогашните офицери на ЈНА, воглавно од српско потекло кои бараа информација од прва рака за функционирањето на власта во новата југословенска федерација. Така, за време на една од утринските смотри на војската, капетанот на четата му пријде на дедо ми и го праша:

„Македонац, како се живи доле код вас? “

Дедо ми брзо и кратко одговори:

„Имаме турска ефтиноќа, српска слобода, бугарско тепање, шиптарско лажење и македонско крадење“ (со сета почит кон македонските Албанци, терминот го пренесувам во оргинална форма).

Офицерот задоволен од краткиот и јасен одговор го награди со излез во градот.

Чин 3

Пред 20 години новинарот Столе Наумов во емисијата Стадион на радио Канал 77 имаше дебата со слушателите на тема животот во СФРЈ и независна Македонија, дали живеевме подобро во време на социјализмот или сега во време на демократија. Меѓу многуте јавувања и ставови на оваа тема јас ја запамтив кратката формулација на еден слушател од источна Македонија кој кажа:

„Столе, во време на Југославија бехме врзани кучиња кои не смееја да лајат ама бехме најадени, сега во Македонија можеме слободно да лаеме колку сакаме ама нема што да јадеме.“

***

Ќе се прашате која е врската на Тапчо и Глупчо со изјавите на дедо ми и старецот од Источна Македонија. Доколку не ги познавате Тапчо и Глупчо јасно е дека нема да најдете ама баш никаква врска, иако сум сигурен дека се среќавате со нив секојдневно во вашето соседство, на улиците на вашиот град или село.

Во кратки црти ќе ве запознам со овие два лика кои над три децении свесно или несвесно ни ја кројат иднината (или судбината). Тапчо и Глупчо се типична комбинација на итрина и ирационалност, спој на егоцентричност и етноцентричност, особини кои ги прават заробеници на своите сопствени илузии. Образовани и воспитани од родители кои за војната знаат само од читање книги, Тапчо и Глупчо се самобендисани и самоуверени дека се подобро образовани и информирани од своите претци. Во нивните меѓусебни расправии секогаш е присутна желбата да се биде поитар од другиот затоа што веруваат дека ако си поитар автоматски ќе бидеш подобар од некого. За да стекне таква предност пред другиот, Тапчо и Глупчо се спремни да нарават се, да бидат и тоа што не се, само за да не убедат дека се добронамерни патриоти и лојални кон матичната земја. При тоа, во занесот на нивните разговори забораваат што излажале вчера, што направиле завчера, и какви последици имаат нивните лаги и (не)дела. Доколку ги прашаш за нивната способност и искуство веднаш ќе ти кажат каде се школувале и на кои обуки учествувале, и дека тоа е доволно да бидат вистинската опција на народот.  

Ситуацијата има своја константа, Тапчо и Глупчо се секогаш таму долу, на дното на пирамидата, со сите проблеми за опстанок, додека сеирџиски ги гледаат оние од средината и врвот како постојано се менуваат, ставаат сопки еден на друг и грабаат секоја прилика за да немаат проблеми со опстанокот на својата врста. За Тапчо и Глупчо ваквиот грабеж на прилики не е ништо ново затоа што човештвото од секогаш имало ненаситни поединци, спремни да ги експлоатираат, крадат и бидат насилни кон послабите од себе. За да испадне дека Тапчо и Глупчо се храбри, односно силни, а со намера да ги прикријат своите слабости и стравови, двајцата позајмиле камелеонски вештини на прилагодување кон околината. Кога малку ќе ги притиснеш, од двајцата добиваш се што ќе посакаш, паметен и глуп, способен и неспособен, херој и предавник, верник и агностик, информиран и неинформиран, космополит и конзервативец, граѓанин и сељак, чесен и нечесен, искрен и далаверџија…и се така во бескрај сите можни опции на просечни и ефтини човечки карактери. И така, над триесет години Тапчо и Глупчо преживуваат а нивните водачи енормно се богатат од ова мало парче земја, земја во која секој трет човек е нивна реплика, додека секој четврти не сака да има работа со реплицираните копии на Тапчо и Глупчо.

Сега кога колку-толку ги запознавте какрактерите на Тапчо и Глупчо[1] (ако сакате повеќе да знаете за нивниот разговор одете на долниот линк), веројатно сеуште се прашувате за врската на временската трилогија за резонирањето на дедо ми, старецот од источна Македонија и Тапчо и Глупчо.

Првo, димензијата која ги поврзува генерациите е духот (или бремето) на општествените текови и промени, кој влијае врз културата на однесување и резонирање на секој поединец. Отсекогаш се поставува прашањето кои се факторите на влијание врз општествените текови и промени затоа што знаеме дека тие носат можности и ризици кои зависно од карактеристиките и воспитанието на индивидуалците, акумулираат јавно мнение и релации меѓу граѓанинот и институциите. Карактеристично за ова поднебје е дека јавното мнение и односот на граѓанинот со државата биле постојано во фаза на политичка и економска нестабилност, честа трансформација на општественото уредување и постојана недоверба кон институциите. Поинаку кажано, маратонската транзиција носи нестабилност а недовербата произведува непочит кон државата и нејзините институции. Во нестабилни околности секој поединец е себично фокусиран на своите интереси и потреби, затоа што нестабилноста на политички, економски и социо-културолошки план произведува непредвидливост, фрустрации и стравови кај секој поединец. Непочитувањето на законите и институциите на државата носи поделби меѓу елитата и граѓанинот затоа што недовербата и немањето респект кон институциите подеднакво се однесува и кон политичката и интелектуална елита кои најчесто се третираат како туѓ елемент во државата. Оттуѓеноста на елитите и граѓаните е константа на овие простори во која и едните и другите користат секоја прилика да го излажат државниот апарат. Разликата е што елитата е многу умешна во манипулирањето на системот и тоа го прави вешто и смислено – за што останува неказнета, додека обичниот граѓанин мора да се снаоѓа во лажењето на системот со мали и наивни трикови – за кои добива казна. Претпоставувам дека чувството на отуѓеност кон елитата и државниот апарат носи корени од над пет-вековното владеење на Османлиското Царство, додатно пролонгирано поради зачетоците на градење култура на владеење од страна на елитите од ова поднебје кои претходно со генерации беа вазали на едните или другите окупатори. Мора да потсетам дека културата на владеење е долг процес каде што 100 години се мал период за втемелување на општо прифатените норми и визија на секој граѓанин за заедничката творба наречена држава.  Додатно, развојот на демократијата е долгорочен процес кој бара оригинални решенија за секое општество и во континуитет. Нема готов рецепт за развојот и унапредување на демократијата но сепак искуствата покажуваат дека е многу тешко да се аплицира демократијата во сиромашни општества за разлика од општествата кои акумулирале економска стабилност и благосостојба.  

Ако се обидеме да ги генерализираме стремежите на претходните генерации со вредностите за подобар живот, потребно е да ги познаваме сопствените корени и семејната генеалогија. Дедо ми е дел од генерацијата родена помеѓу 1901 и 1927 која денес ја именуваме како Најголемата генерација. Тоа се деца на Изгубената генерација (1883-1900) кои цел свој живот се бореа за праведен свет, не за слава или награда. Најголемата генерација, иако необразована и сиромашна, со својата мудрост и истрајност ги постави темелите на нашата благосостојба, на Бејби Бум генерацијата на која и јас припаѓам (1946-1964). Има една тенка нишка која ги поврзува генерациите низ времето, а тоа е дека секоја следна генерација ги зема здраво за готово слободата и благосостојбата створена од страна на  нивните претци. При тоа, непишано правило е следната генерација да не се мачи и страда како претходната, да ужива во детството и младоста и секако да работи што помалку физичка работа. Сигурно сте имале чести совети од родителите од типот „ Учи за да не бидеш физички работник“

Денес има малку останато живи граѓани од Најголемата генерација, Бејби Бум генерацијата е некои 20 до 30 проценти додека Икс (1965-1980), Милениум (1981-1996)  и Зум генерацијата (1997-2012)  се сегашноста и иднината на нашата држава. Притоа присутна е мала аномалија во реакциите на овие генерациски кластери затоа што при првото соочување со маките на животот, тие веднаш помислуваат да си заминат од државата. Недостига мудрост и борбен дух, решителност и жртвување за да се исправи лошо изградената држава. Таму некаде на Запад има подобри услови за живот, иако таму се добива работничка плата во капиталистичка економија, затоа што експлоатацијата и стресот се помали во однос на газењето по дигнитетот на граѓанинот од страна на нашиве локални Тапчовци и Глупчовци.  

Јасно е дека Тапчо и Глупчо се дел од Милениумската генерација која е денес најактивна на политички и институционален план. Тоа не значи дека претходните генерации немале свои Тапчовци и Глупчовци, кои во однос на сегашноста биле многу помалку во квалитет и квантитет. Во Најголемата генерација и Бејби Бум генерацијата биле маргинални актери без некое значајно влијание врз општеството. За жал во меѓувреме нивниот број стана доминантен образец во сите области на нашето општествено битие затоа што една третина се Тапчовци а друга третина се Глупчовци.

Втората димензија во поставената трилогија се генерациските разлики во образованието и вештините на поединецот. Изјавите на дедо ми и старецот од источна Македонија се мал пример за мудроста и способноста на расудување на тие генерации за својата реалност. Помалку образовани, со помал обем на информации и растеретени од индоктринациски влијанија, во двата примери се препознава колку многу може да се каже со малку зборови, особено кога мислите и зборовите се искрени и оригинални. Денес, за разлика од претходниците, Тапчо и Глупчо се начитани и добро информирани поединци, мака мачат со мноштвото на теории и апории, позајмени концепти, копирани вредносни норми и репери, така да мора да се изразуваат со многу зборови и долги софистицирани реченици а да кажат многу малку за нивното време и контекст. Мудроста е изгубена во мноштвото зборови поради тоа што нема искреност и оргиналност во вокабуларот на Тапчо и Глупчо, туку проста калкулација на можните сценарија и држењето на подотворена врата за нивното прилагодување кон истите. Нивниот парадокс е што целта им е линеарно поставена кон некој си успешен опстанок а притоа спремни да лутаат во лавиринтите на егоцентричниот опортунизам. Личното его е целосно вложено во служба на моќта и ситните привилегии, привремено потчинето на новокомпонираните капиталистички елити, кое во сржта манифестира лажна лојалност кон центрите на моќ.

Така испаѓа дека Тапчо и Глупчо се привидно наивни и неспособни за носење одговорност, слика што им обезбедува комфорна зона да зборуваат на било која тема а никој да не ги земе за сериозен фактор во соседството. Се потврдува старата изрека, кучињата лаат карванот си врви. Тапчо и Глупчо знаат дека се искористени и изманипулирани од моќните шефови на партиите и компаниите, и тоа вешто го кријат преку додворување, улизување, ефтини муабети и тресење трици. Тоа е полесниот начин да се добијат мали трошки од привилегираните кругови. Самите си го одредиле местото и статусот во тие кругови а во позадина, кога се сами си ја споделуваат маката и радоста како излажале или убедиле некој од врвот или средината на хиерархијата. Неретко Тапчо и Глупчо ги менуваат позициите и преминуваат во спротивниот табор, чисто од забава или желба за докажување дека и едните и другите само-бендисани елити се лесни за манипулации. Според ова, може да се заклучи дека сојот на Тапчовци/Глупчовци и елитите се среќни и задоволни со своите илузии, верувајќи дека контролираат важни процеси во нашето општество.

Трето, Тапчо и Глупчо се дисциплинирани гласачи, редовно се возат со партиски платените автобуси низ државата за кампањи или протести, се појавуваат каде што ќе им се каже, се радуваат или тагуваат (привидно) кога ќе им се наложи. Кога Тапчо и Глупчо не прифаќаат насилнички задачи таа улога се дава на Кримчо. За разлика од нив, нашите претци немале притисоци за гласање, во кралева Југославија на пример жените немале право да гласаат, додека во претходниот систем изборните листи беа кроени од еден центар, така што изборот беше веќе однапред дефиниран. Претходните генерации беа пасивизирани гласачи, вредни работници и трпеливи во остварувањето на своите лични и семејни интереси. Не се потчинуваа лесно, ниту привидно ниту потполно, туку напротив кога настапуваа јавно беа целосно спремни да се носат со теретот на искажаниот став и мислење. Најважно, немаа работа ниту се дружеа со Кримчовците од политичкото подземје.

Додатно, големата разлика е што претходните генерации имаа идеолошко-вредносни уверувања и заложби во своето работење, додека Тапчо и Глупчо немаат никаква идеологија. Идеологијата е изветвеана флоскула во нивните дебати со политичките (не)истомисленици, која се користи за маркетиншка маска за немањето три чисти со класичните идеолошки матрици од било кој спектар. Тапчо и Глупчо мора да ги повторуваат истите наративи скроени од нивните политички и интелектуални центри кога агитираат или индоктринираат, користат едноличен вокабулар при убедувањето на едните и другите дека празните ветувања на нивните лидери се реално остварливи. Зошто би се мачеле да бидат оригинално свои за нешто што и самите не веруваат дека ќе се реализира. Затоа најдобро е да се користат зборовите и ветувањата на врвот за да Тапчо и Глупчо обезбедат некоја си невиност пред соседите и агитираните групи граѓани.

Ќе резимирам со неколку пораки до сегашните Тапчовци и Глупчовци:

Длабоко во себе знаете дека живееме во држава и регион кои се периферија на периферијата во смисол на гео-политичките и гео-културните процеси. Периферноста е резултат на континуираното заостанување на сите нивоа на општественото организирање на системот наречен држава. Домашната пропаганда дека ова е центарот на светот, колевка на цивилизацијата со библиски народ нема своја употребна вредност во политичкиот и економски свет вон границите на државата. Времето на историските митови заврши пред повеќе од 100 години откако започна циклусот на индустриски и економски револуции проследен со соодветни политички револуции и промени. Треба да се искористат последните секунди од отворената можност да се приклучиме кон четвртата револуција на светот за да не ни се повтори пак да имаме задоцнета револуција. Само да ве потсетам дека Ковид пандемијата во добро организираните држави се користи како отскочна даска и нова можност за напредок, што значи дека треба да престанете со оправдувањата дека пандемијата носи ризици и непредвидливост.    Многувековната периферност произведе безначајност на нашите недефинирани системи и незаинтересираност кај големите центри на моќ. Крајно време е да престанете да произведувате нестабилност за да го привлекувате вниманието на големите играчи на светската сцена, и секако да престанете да ја компензирате безначајноста со домашни конспиративни теории дека сме многу важни за глобалните центри на моќ. Сите ние треба да ја прифатиме реалноста на нашата позиција како општество и најдеме наш рецепт кон колективниот просперитет и стабилно уредување. Цел свет ги знае нашите домашни лаги и интриги и јасно ни укажува дека сме неподобни за дружење со нив. Не може да бидеме еднаков партнер со развиените економии со ваква сиромаштија, непродуктивност и корумпираност. Бараме членство во ЕУ во кој нашиот глас ќе биде еднаков со германскиот, францускиот, сакаме да имаме привилегии и благосостојба како нив, вклучително нивните пари, ама не сакаме да ни поставуваат правила и услови за членството во ЕУ, а згора на тоа не сакаме да работиме чесно и вредно. Верувате дека ЕУ членките се наивни и не ги читаат вашите далавери и симплифицирана итрина кога над три децении повторувате лажни ветувања дека сакате – ама не сакате, правите – ама не правите, менувате – ама не менувате. Се наближува моментот во кој никој нема да ви верува, ниту дома ниту надвор, на декларативните политики и политички ветувања, богати со прости лаги и манипулации на сопствениот народ.   Темелот на државата ни е погрешно дизајниран поради неразликување (или несакање да се разликуваат) термините народ и нација. Кога решивме да правиме своја држава преку референдум вашиот сон од 19тиот век за етничка нација беше себично доминантен со што се пропушти прилика да изградиме нација со граѓански концепт. Со креирањето на етнички конципирана држава произведовте малцинство, кое е околу 40% од вкупната популација, кое наместо да придонесува кон напредокот на државата тоа цело време троши време и енергија за остварување на своите основни човекови права. Наместо да бидеме модерна нација, сите заедно останавме племиња како во времето на византиско и турско, со тоа што сега наместо туѓи имаме домашно одродени владетели. Направивте многу грешки, намерни и ненамерни, овие вториве од глупост и незнаење, и цело време правите се за да ги прикриете своите грешки. Не се гради држава со лажни ветувања, кроење на перцепциите на граѓанинот, негово омаловажување и со корумпирани, полуспособни институции.Почнете да учите и практикувате правда и правичност. Не е доволно да ставите во затвор некој лопов од спротивниот табор, туку да изградите систем и механизми кои ќе го елиминираат и навреме реагираат на сето она што ги подрива и рѓосува вредностите на правдата и правичноста. Обичните Тапчо и Глупчо полесно ќе се снајдат во праведен и правичен систем, ќе нема потреба лажно да се прават тупи или глупи, туку ќе бидат тоа што навистина се, граѓани со достоинство и чесност. Репликациите на чесен и вреден граѓанин ќе се множат побрзо и поефикасно отколку вашите три децениски креации на зависни граѓани. Зависниот и излажан граѓанин не е лојален на вашите политички манипулации, туку привремено молчи и трпи се додека не најде решение за својата мака. Паметните и вештите граѓани си заминаа и ќе заминуваат во поправедни и поправични земји, макар тоа биле Азија и Африка, само да не го трпат јаремот на домашните манипуланти. Она што остана и ќе остане во државата не ќе може во бескрај да се прилагодува и претвара според вашите покварени замисли. Еден ден ќе се побуни и ќе направи се за да си го врати достоинството и постави подобри основи за иднината на своите деца. Историјата тоа го покажа многу пати, скоро гледавме како Украинците ги ставаа своите пратеници во контејнери за ѓубре. Порано или подоцна таму завршуваат сите лаги и лажговци. За да не дојде до тоа, дозволете им на Тапчо и Глупчо да бидат она што навистина се и сакаат да бидат во своите животи а вие, официјални и неофицијални моќници, итно да ја замените мантрата на далавери со универзалните вредности на чесност, праведност и правичност. Верувам тоа ќе ви донесе подобро спиење, макар и за ова кратко време кое ви преостана за ресетирање на вашата човечност.

Епилог наместо последен чин

Тапчо и Глупчо ќе преживуваат уште некое време меѓутоа јасно им е дека вака не може да се продолжи. Македонското општество е болно одамна, тоа го напишав 5-6 години пред пандемијата. Засега нашите елити и квази лидери не најдоа начин (всушност не сакаат) да го излечат општеството од множеството Тапчовци и Глупчовци. Напротив, целта им е сите ние да бидеме како нив, да зависиме од нивната милост и немилост, слично на царското време од средниот век.

Турската ефтиноќа скапо го чини обичниот граѓанин затоа што анархичната слобода на елитите ги направи недопирливи пред словото на законот, иако крадат и лажат цели триесет години.  Тапчовци и Глупчовци лаат како кучиња само по налог од врвот за да имаат што да јадат до следниот циклус на избори. Во меѓувреме агитираат и шират лаги, јавно оцрнуваат еден на друг а скришум пијат кафе и договараат следен трик и далавера.

Нивните лидери и политички племиња цело време се бават самите со себе отколку со потребите и проблемите на општеството. Нема знаци дека скоро ќе почнат да работаат за колективниот напредок и благосостојба. Јас не очекувам  такво нешто од владетелите на Тапчо и Глупчо затоа што толкав им е капацитетот, знаат да функционираат со лажење и крадење. Сите (претпоставуваме дека) знаеме што се не изнакупија и продадоа од она што беше изградено од нашите претци во претходниот систем, испокрадоа источни олигарси и западни капиталисти, однесоа пари преку океанот, ама не знаеме кој епитаф ќе го прочитаме порано, на политичките елити или пак на ова опљачкано и исцрпено општество. Јас се надевам да го видам епитафот на првите затоа што општеството сигурно ќе најде начин да изгради нова елита без поддршка на Тапчо и Глупчо. Корените на моите претци се тука, на ова поднебје над 400 години, живееле и опстанале во турско, српско, германско, италијанско, бугарско, албанско, југословенско и македонско. Ќе бидат тука многу долго и после режимите на Тачовци и Глупчовци.

Надир Реџепи