Колумна -ЛУЃЕТО X

5141

Се прашувате дали насловот “Луѓето X” се поврзува со познатите ликови од Марвел стриповите, како професор X, Магнето, Волверин и многуте други мутанти со посебна моќ, кои иако истата не ја поседуваа по сопствена волја, поради неа беа обележани како “Луѓето X”. Притоа, беа принудени да живеат изолирани од човечката раса (луѓето) како да се негативци, со закани за нивното опстојување и одбивање да бидат прифатени како дел од светот каде што и тие живеат и ќе умрат, без доза на сеграгации, насилства, стереотипи и предрасуди…

Добив инспирација по втор пат да напишам колумна за мојот народ, за историските страдања, неправди и сеуште актуелното неприфаќањето од мнозинството на народ во земјата каде живееме.

Во Македонија од секогаш се чувствувала различноста – се знае кои се кои, кои се некои и кои се никои. Не можам, а да не го споделам разговорот со еден мој добар пријател од Шпанија, Висенте, кој ме натера да размислувам и увидам дека секој Холивудски филм неслучајно има скриена порака наменета за публиката. Така, размислував за филмовите на мега познатиот “X – men серијал”. Сигурен сум дека поголемиот дел од Вас сте имале прилика да погледнете некој од филмовите на овој серијал кој е приказна за борбата на мутантите со луѓето, борба за нивно прифаќање и опстојување во светот, предводена од двајца најдобри пријатели (мутанти) – Чарлс и Ерик.

Чарлс и Ерик имаа различен став за движењето и постоењето на мутантите во Светот. Првиот, инсистирајќи на мир и хармонија со луѓето,преку криење на супер моќите, за да не им наштетат на луѓето, одлучи да се асимилираат кон нив, да размислуваат како нив и да заборават дека се мутанти, да не ги прикажуваат своите супер моќи пред луѓето и едноставно да не бидат различни од нив. За него, тоа беше цената за мир и заедничко живеење со луѓето,за место на мутантите во светот и за нивно прифаќање од луѓето.

Другиот пак, беше сосема различен. Тој сакаше да докаже дека и мутантите постојат и дека ќе постојат засекогаш во светот, без разлика на човечкото негативно мислење и погледи кон нив. Тие ќе имаат иста положба и улога во општеството како и секој човек што живее во светот, ќе бидат горди на тоа што се и нема да има потреба од нивно асимилирање, криење или губење на идентитет кој секој од нив различно го поседува. Зборувам за ликовите на Чарлс – професор X и Ерик – Магнето, но мислам на вистинските, не на замислени ликови во стриповите, а тоа се Мартин Лутер Кинг и Малколм X. Во раните 60ти години во САД имаше голема расна поделба помеѓу белата и црната раса, предизвикани беа многу брутални насилства, сегрегирани училишта, привлегиран јавен превоз и слично…. За некои тоа што за прв пат САД имаше претседател афро американец е успех и исполнување на сонот на Лутер Кинг, но светот сведочи дека со ова битката не е добиена.

Можеме да видиме дека пристапот кон црниот народ сеуште не е еднаков и овој народ не е прифатен и почитуван како белата раса, нешто што Малколм X го предвиде и го зборуваше пред повеќе од 50 години.  За жал сеуште постои расизмот, говорот на омраза и насилството на мнозинството врз малцинството. Тоа секојдневно го гледаме преку медиумите, социјални мрежи и веб порталите. Но, дали правиме нешто по однос на тоа? Дали се трудиме воопшто нешто да промениме и подобриме? Или пак продолжуваме да си молчиме и си велиме “добро што ова не се случува кај нас”….  Дали сте сигурни дека не се случува?

Ромите потекнуваат од Индиското царство, денешен Пакистан, каде поради војната на двете царства биле приморани да ги напуштат своите домови, да си најдат свој нов дом и да продолжат да си живеат далеку од својата татковина… Со текот на движењето во Азија, Европа и Африка претрпевме многу неправди.

Поради јазикот што го зборуваме, поради нашата различна боја на кожата и култура сме биле јавно погубувани, ловени и истребувани од мапата на Европа. Не сме смееле да зборуваме на својот мајчин јазик, сме биле робови во Романија повеќе од 500 години, врз нас бил извршен геноцид од страна на нацистите во текот на Втората Светска Војна, за кој беше потребно повеќе од 30 години работа и притисоци, за да биде признаен од страна на Германската влада и Светот.

Благодарение на неформалното образование и стипендиите доделени од Сорос фондацијата, Ромскиот народ направи револуција во државните и приватни универзитети каде постојано се зголемува бројот на Роми студенти кои се борат за нивно место и докажуваат дека не се ништо поразлични и помалку вредни од мнозинството на граѓани кои живеат во Македонија.

Замислите, има многу познати јавни личности во Светот кои се успешни во нивната работа и имаат богата кариера, но цената на таа слава и успех е криењето на нивниот идентитет, а тоа е дека се РОМИ.

Филмот “X – Men: First Class” ми даде јасна порака: , ликот на Ерик, попознат како Магнето, кој во стриповите беше прикажан како Ром (Циган), е ликот кој во филмот беше прикажан како дете на еврејско семејство. Пораката која што овој лик ја даде на крајот од филмот, а која што беше многу трогателна беше, цитирам “Mutant and Proud”, што јасно се пресликува во пораката “Роми и Горди!” Оваа порака сакам да ја пренесам на сите читатели Роми и нероми, “Роми и Горди!” без разлика на сите стигматизации, неправди и ознаки како “Луѓето X” (ЦИГАНИТЕ)…

Храмоме башх о Рома Пресс тхар Автор: Денис Исмаили – дипл. по Јавна Администрација