Kолумна :Ромите меѓу политиката и лагите-ДОСТА Е…

3680

Понесени од празнувањето на 8 Април како меѓународен ден на Ромите никако изгледа да дојдеме до реалноста дека животот продолжува и понатака, до наредниот 8 април има точно 362 дена или до крајот на оваа 2019 кога ќе сумираме резултати колку сме биле успешни или неуспешни има уште 263 дена.

Уште 263 дена макотрпен живот, неизвесен живот, борба за егзистенција, во потрага за подобар живот на нашите деца, нашите родители а и за нас самите.

Уште 263 дена ќе слушаме разни приказни од страна на преставниците на власта дека животот се подобрил, дека сме “ѕвезда” во рамките на земјите од Балканот, дека тече мед и млеко а во реалноста тече нешто друго.

Се пофаливме дека имаме раст на инвестиции, невработеноста се намалила, ќе имаме раст на БДП од 5%, дека македонците започнуваат да се враќаат во државата, та дури нема место во авионите за Македонија се чекало со месеци да се резервира билет за да нашите се вратат и да почнат да работат тука. Специјалистите за 1000 евра плата, администрацијата за 500 евра и просечната плата на работниците е веќе 500 евра.

А реалната приказна е сосема поинаква секојдневно млади луѓе ја напуштаат Македонија, ( само од Гостивар секоја сабота по 4-5 автобуси со млади луѓе и медицински кадар патуваат во потрага по подобар живот ).

Нема ниту 500 евра плата ниту 1000 евра за специјалистите ниту пак 11.700 денари социјална помош. Хартијата и медиумите трпат секаква лага. Лага која кај народот проаѓа во периодот на избори. 450.000 луѓе живеат под прагот на сиромаштијата или повеќе од 1/5 до вкупното население.

Можеби како податок е доволен дека само од страна на ромската заедница во Rепублика Македонија иселени се околу 15.000 роми. Од другите се многу повеќе. Бројката од 600.000 е реална бројка на иселени и секоја наредна влада треба да се запраша што правиме. Како да се запре одливот на младите, на населението. Решенија нема. Во земјата остануваат синовите на пратениците и функционерите за кои тато и мама ќе обезбедат вработување во ЕЛЕМ.

Да не бидам погрешно разбран лажеше и претходната власт и беше казнета за тоа.

Но да се осврнам на еден горлив проблем , кој навистина загрижува. Тоа е состојбата на ромската заедница. И од страна на меѓународната заедница се прават напори за интеграција на ромите но и од страна на Владата. Наместо интеграција на ромската заедница и вклучување во институциие на системот ( со цел поголема застапеност на Ромите) се случува да воопшто нема вработување на роми ( претходната влада воведе еден катастрофален механизам т.н. калкулатор на застапеност на заедницата во институцијата , a оваа Влада толку се придржува кон оваа алатка која е добредојдена, така да сега едноставно е невозможно  ромската заедница да влезе во одредена институција)

За каква интеграција се залагаат меѓународните организации и Владата? Интеграција за Ромите но без ромите.

Интеграцијата како збор значи спојување на деловите во една целина , но целина од два ентитета без другите не е интеграција тоа е дезинтеграција, разединување. Токму овие процеси водат кон разединување, поголема маргинализација на ромите во Република Македонија.

Господо од Владата и оние кои ги помагаат запрашајте се дали сте на вистинсиот пат, дали Вашите политики вродуваат со интегрираност или водат кон нешто друго. Досега бевте преокупирани со процесот на промена на името и Уставот, но дајте застанете  и соочете се со реалните проблеми во оваа држава.

Ветивте просечна плата од 500 евра – НЕ ГО ОСТВАРИВТЕ

Ветивте 11.700 денари социјална помош – НЕ ГО ОСТВАРИВТЕ

Ветивте 1000 евра за специјалистите – НЕ ГО ОСТВАРИВТЕ

Доколку не можете кажете подобро не можеме толку знаеме . Нека дојдат други кои што знаат и умеат и кои што ќе ветат нешто што е остварливо. Мислам дека 2 години се доста период каде што можевте да покажете.

Време е за промени ДОСТА Е..

Автор:Ибрахим Ибрахими-Рома Пресс